Академија Пандев ќе го има најсовремениот спортски центар во овој дел на Европа

Македонија преку Академија Пандев од 2018 година ќе го има еден од најсовремените тренинг центри во Југоисточна Европа.

Како што е познато Спортскиот центар на Академија Пандев е веќе во изградба во Струмица, а се очекува да биде пуштен во употреба во март следната година. Согласно желбата на неговиот сопственик, Горан Пандев, граден е согласно најсовремените стандарди кои овозможуваат максимални услови за работа со најмлади категории фудбалери но и високопрофесионални услови за работа на првиот тим.

Како што беше соопштено на денешната прес-конференција, целокупниот проект чини 4,6 милиони евра. Во склоп на истиот ќе има спортски терени, деловни простории, фитнес и спа-центри. Тоа го најавија членовите од управата на клубот, Илија Матеничаров, Југослав Тренчовски и Дарко Костовски.

Желбата е по пуштањето на Спортскиот центар во употреба, од април следната година Академија Пандев да ја заврши сезоната во Првата лига токму на главниот терен на луксузниот комплекс. До тогаш, планот е да се игра на стадионот „Младост“ во Струмица, или евентуално на „Кукуш“ во Турново, во зависност од условите.

Академија Пандев како свои нови фудбалери ги има голманот Никола Вујанац од Силекс и Костадин Чешмеџиев од Македонија ЃП. Досегашниот фудбалер Филип Деспотовски останува во клубот како скаут, а Драган Начевски ќе биде дел од стручниот штаб.

Тимот своите подготовки за новата сезона ги стартува од утре. До 9. јули ќе се работи во Струмица, а потоа се заминува во Банско каде се договорени и шест пријателски натпревари.

Се вчитува...