Академија Пандев по изненадување во Гдањск

Веднаш после ждрепката за 1. квалификациско коло во Лигата на Конференции, беше јасно дека Академија Пандев доби тежок ривал. Лехија Гдањск не е противник кој има којзнае какво искуство во Европа, но е тим кој што важи за голем фаворит во пресметката со „Пандевци“, кои сменија многу во својата екипа, и стручниот штаб на чело со Ѓорѓе Стојчев се решија на подмладување.

Екипата ја напуштија искусните Пепи Ѓоргиев, Марко Мартинага, Адис Хаџановиќ, Фарук Бихорац и Виктор Ангелов. Од засилувањата беа доведени само Марко Ѓорѓиевски во нападот, и српскиот интернациоланец Душан Јоковиќ. Марко Алчевски се врати од Борец, исто и Спасе Терзиев, додека Васко Глигоров се приклучи од младинскиот тим.

Младите надополнети со искусните Диме Димов, Сашко Пандев, Марко Јовановски, Томче Илиев, Никола Шаркоски, ќе треба да го понесат товарот на екипата во овој европски предизвик.

Тренерот Ѓорѓе Стојчев пред мечот истакнува дека ова ќе биде добра можност за промоција на клубот, но и на младите играчи.

„Ова е само вторпат да играме во европски натпреварувања. Ова е големо достигнување за нас. Ние сме мал клуб од една мала земја и благодарение на ваквите натпревари можеме да се промовираме себеси, но и нашиот фудбал. Ја анализиравме Лехија, тие имаат многу квалитет, многу многу добри играчи. Се е можно во фудбалот и ќе дадеме се од себе. Имаме млад тим, многу играчи до 21 година. За нив тоа е и одлична можност да се покажат“, рече Стојчев. 

Дуелот се игра вечерва на прекрасниот „Гдањск Стадион“ во 20:15 часот.

Се вчитува...