„Ако нема услови за ракомет, РФМ мудро да го одлучи шампионот“

Неизвесноста околу продолжението на сезоната во ракометниот шампионат на Македонија продолжува, а фактот дека „пикот“ на коронавирусот во нашата земја допрва ќе биде достигнат уште повеќе ги намалува шансите за создавање услови за одржување на спортски натпревари не само во април, туку и во текот на цел месец мај. Металург е првопласиран на табелата во досегашниот дел од Супер-лигата, во која не учествуваат СЕХА-лигашите Вардар и Пелистер, а претседателката на клубот од Автокоманда, Зорица Блажевска, смета дека во блиска иднина не може да дојде до продолжение на сезоната.

„Ова е период во кој треба да се чуваме себе и блиските, да останеме дома, да останеме безбедни, за крајот на оваа пандемија да го дочекаме како победници, во целосен состав. Мое мислење е дека до крај на мај ќе нема услови ни за нормален живот, а не за било какви ракометни активности. Доколку новата сезона почнува во август како и досега, не изгледа возможно доигрување во јуни или јули. Како прво, се ставаат ракометарите во ситуација неспремни, после 3 месеци надвор од терен, да го ризикуваат своето здравје, при потешки повреди и кариерата. Никој не може да ме убеди дека активностите дома се барем 50% доволни за се продолжи натпреварување после 3 без колективни тренинзи, а посебно после новите мерки и полициски час после 16ч и комплетен прекин на нормално функционирање за викенди. Како второ, правно е неизводливо да задржиш играчи и после истекување на нивните договори во јуни, посебно доколку веќе имаат нови клубови“, вели Блажевска.

Скопскиот суперлигаш Тинекс Пролет даде предлог токму Металург да биде промовиран во шампион поради пласманот во досегашниот дел од Супер-лигата, но Блажевска не сака да даде конкретен одговор на оваа тема.

„Многу земји што го прекинаа првенството, ги поставија моменталните лидери за шампиони. Ние одигравме 17 натпревари  во Супер-лигата, воопшто не се малку, тоа е показател за вложен труд и работа без пауза од седум месеци. Финансиските трошоци за првенството исто така, посебно во делот на припремите кои навистина доколку се изведат на најпрофесионално ниво, чинат многу. Металург е познат по тоа што вложува посебно во тој дел. Мое мислење е дека само со силно домашно првенство, нашите клубови може да бидат успешни на европска сцена, особено на репрезентативен план. Затоа апелирам доколку не се створат услови за доигрување Ракометната федерација мудро да одлучи при прогласувањето на шампионот и пред тоа да се погледне вложеното и постигнатото во 70% од сезоната, но истовремено да погледне во дворовите на клубовите во последните 5 години и да го вреднува придонесот на секој Клуб за тој период како и активностите на европска сцена“, истакнува претседателката на Металург.

Таа додава дека евентуалното крунисување на Металург во првак на Македонија не би значело учество на овој тим во Лигата на шампионите следата сезона.

Доколку треба да се одлучи за местото на секој Клуб во Европа, во овој момент, местото на Металург како прв на табелата и актуелен освојувач на Купот е во групната фаза на Лига на Европа“, објаснува претседателката.

Доколку за околу два месеци се создадат услови за продолжение на сезоната, планот на раководството на РФМ е тоа да финишира со завршен турнир од шесте најдобри екипи, четирите првопласирани од Супер-лигата, плус Вардар и Металург. Сепак, Блажевска потенцира дека е многу значајно при одредувањето на носителите да не им се даде предност на клубовите кои досега немаат одиграно ниту еден меч сезонава на македонската ракометна сцена.

„Доколку се одлучи да се игра турнир, најважно би било времето на одигрување и дали би имало период за тренинзи и воигрување, како и можност за останок во ист состав. Мое мислење е дека носители овој пат би требало да бидат екипите што регуларно си го одиграле повеќе од половина првенство“, објаснува Блажевска.

Нема никаков сомнеж дека кризата со коронавирусот ќе го наруши и нормалното финансиско функционирање на клубовите.

„За жал, ситуацијата со вирусот доаѓа во најлош момент за Металург од причина што доаѓа во момент кога Клубот се стабилизира финансиски и се очекуваше новата сезона да ја започне без ниеден долг. Од оваа ситуација никој нема да излезе непогоден, така и ние. За висината на платите за март, април и мај, кои играчите секако ќе ги добијат ќе одлучуваме кога ќе ја знаеме завршницата на ова првенство. Среќни ќе бидеме доколку новата сезона започне навреме и во нормални услови, тоа би значело дека се ова е зад нас и на нас менаџерите ќе падне товарот да се подготвиме на најдобар начин. Апелирам Владата да не дозволи Спортот да остане без поддршка. Минималната плата да ги вклучи сите спортисти и спортски работници, но и да помогне во делот на реализација на ваучерите и обезбедување средства од данокот на моќните државни и приватни компании“, порачува претседателката на освојувачот на ракометниот Куп на Македонија.

Се вчитува...