Алба: Сакам Лопетеги уште долго да остане на клупата на Реал

Хулен Лопетеги минува исклучително тежок период во Реал Мадрид, но стратегот на „кралевите“ неочекувано доби поддршка од онаму од каде најмалку се надеваше – од таборот на Барселона. Левиот бек Жорди Алба на прес-конференцијата пред дуелот со Интер се осврна и на случувањата во Реал Мадрид, во пресрет на големото дерби што ќе се игра наредниот викенд на „Камп ноу“.

„Секој човек носи одлуки. Хулен сакаше да заврши со нас на СП, па да замине во Реал, но тогаш дојде одлуката за негова смена. Јас лично имам одличен однос со него, лично ми има многу помогнато. Не ми се допаѓаше што отиде на клупата на големиот ривал, но искрено верувам дека ќе остане уште долго во Реал. Тој го заслужува тоа бидејќи е вистински професионалец“ – изјави Алба.

Дефанзивецот се осврна и на наредниот дуел од ЛШ против Интер, прв за Барса по повредата на Меси на дербито со Севилја.

„Повредата на Лео им падна тешко на сите во клубот, но тоа е само мотив повеќе за сите нас да заиграме уште подобро, да покажеме дека тимот може да функционира и кога Меси не е во него. Имаме шест бода, исто како и Интер, но сакаме да ја завршиме групната фаза на врвот. За тоа да се случи ќе ни треба победа, верувам дека можеме да дојдеме до неа со поддршка од трибините“ – порача истакна стандардниот првотимец на каталонскиот гигант.

Се вчитува...