Алдаир Нето и Капинковски едногласни: Против Работнички по нови бодови

Работнички и Пелистер денеска во Скопје го отвораат 26. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Битолчани оптимистички го очекуваат гостувањето против „романтичарите“ верувајќи дека може да дојдат до нови бодови, по претходната победа над Вардар.

„Мислам дека имаме добри шанси за нови бодови и од натпреварот против Работнички. Добро играме изминативе натпревари, а самодовербата по натпреварот против Вардар е поголема. Мислам дека ако продолжиме со ваква работа, спроведувајќи ги идеите на тренерот ќе дојдат и нови успешни резултати. Свесни сме дека на секој натпревар секогаш може подобро и подобро“ – вели интернационалецот во редовите на „зелените“, Алдаир Нето.

Шефот на стручниот штаб, Димитар Капинковски вели дека неговиот тим против секој ривал оваа пролет оди на надигрување со желба за победа.

„Задоволни сме по победата во ‘вечното дерби’ против Вардар и после таков триумф, атмосферата е позитивна. Но, ние со секој ривал, без разлика дали се викал Вардар или Работнички, мора да се надигруваме и да играме на победа, за да ги оствариме нашите амбиции – опстанок во лигата. Желбата е да го избегнеме и баражот. Работнички е многу квалитетна екипа, клуб со долга традиција и очекувам тврд и неизвесен натпревар. Ќе се обидеме да постигнеме гол повеќе за позитивен резултат“ – вели Капинковски.

Натпреварот помеѓу Работнички и Пелистер се игра денеска на националната арена „Тодор Проески“ со почеток од 13 часот.

Се вчитува...