Алими: Ќе бидеме претпазливи во Скопје, затоа што има и реванш со Вардар во Тетово

Шкендија навлезе во позитивна серија од три едноподруго победи во домашното првенство со што се врати и атмосферата во составот на „црвено-црните“. Токму пред утрешната голема пресметка во првиот осминафинален натпревар од Купот на Македонија против Вардар во Скопје.

Капитенот на тетовци, Арменд Алими, кој игра во одлична форма, верува дека позитивната серија ќе продолжи и во Купот и покрај тоа што ги очекува тежок меч со Вардар…

„Секако, сакаме да ја продолжиме позитивната серија од првенството и во Купот. Свесни сме дека не чека тежок натпревар со ривал кој игра во одлична форма во моментов. Но ќе дадеме се од себе. Сепак, во Купот се играат два натпревари, а знаејќи дека реваншот е на наш терен во Тетово, ќе бидеме и претпазливи на првата средба во Скопје“ – вели Алими, кој не го крие задоволството и од последната победа против Струга Трим Лум.

„Се врати самодовербата во тимот и расположението. Но, оваа претходна серија од три победа ќе има вредност само ако продолжиме и понатаму во ист ритам“ – истакнува Алими.

Првиот осминафинален натпревар од Купот на Македонија меѓу Вардар и Шкендија се игра утре со почеток од 15:30 часот на националната арена „Тодор Проески“.

Се вчитува...