Интер од стартот на сезоната се докажа како специјалист за пресврти, но „нероаѕурите“ се надминаа себеси попладнево против Фиорентина, триумфирајќи во мечот во кој до 90. минута беа во негатива од 0-1, но на крајот сепак славеа со 2-1. Маркус Турам беше херојот, стрелец на првиот, а потоа и играч над кого беше направен пеналот за вториот гол на Интер во овој чудесен триумф со кој „нероаѕурите“ остануваат рамо до рамо со Лацио на врвот на табелата.
Отсуството на капитенот Лаутаро овојпат се покажа како важен фактор, тандемот Турам — Еспозито воопшто не функционирааше, Де Хеа беше несовладлив, но досадата беше разбиена со едно ремек-дело на гостите од Фиренца. Хименез беше херојот на Фиорентина, постигнувајќи еврогол од 25 метри откако со маестрален удар го изненади Проведел.
Шампионот тргна на се или ништо, Аугусто два пати ја погоди гредата, а на израмнување се чекаше се до 91. минута кога Турам конечно го најде лекот за извонредниот Де Хеа. А потоа, во 95. минута нова драма, Турам беше влечен од еден гостински дефанзивец, судијата Маријани покажа на белата точка, по што Зиелински од пенал ја донесе оваа чудесна победа на „нероаѕурите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
