Алиоски: Лидс е најдобар во Чемпионшип, сакаме да завршиме како шампиони

Езгјан Алиоски и Лидс газат во Чемпионшип-дивизијата, каде на четири кола до крајот се наоѓаат на чело на табелата. Целта наречена пласман во Премиер-лигата е императив за сите, но македонскиот ас сака уште една работа – Лидс да заврши како прв во лигата.

„Имаме најдобар тим во Чемпионшип, тоа е повеќе од очигледно. Сите сонуваме за влез во Премиер-лигата, таму автоматски одат првите две екипи, но јас сакам да сме шампиони, бидејќи тоа е доказ дека си бил подобар од сите останати. Верувам дека имаме квалитет и искуство. Брентфорд е зад нас и чека евентуален „кикс“, но нашата тајна е во тоа што не обрнуваме внимание на математиките на ривалите, играме за себе и за нашите навивачи и таквиот пристап дава резултат“, вели Алиоски.

Македонскиот интернационалец има само пофални зборови за стратегот Марсело Биелса, откривајќи дел од „формулата за успех“ на аргентинскиот стручњак.

„Веќе ни стана јасно, во моментот кога Биелса стапнува на терен, без разлика дали е тренинг или натпревар, тој бара перфекција од секој од нас. Не е важно дали сме загубиле претходниот ден или сме победиле 5-0, работата почнува од почеток. Никако не дозволува да се опуштиме, сака да учиме мали детали и така да напредуваме. Затоа и сите толку уживаме играјќи за него. Не ми е важно дали сум стартер или ќе одиграм 10 минути, среќен сум што играм за Биелса и за Лидс“, порачува Алиоски.

 

Се вчитува...