Алиоски: Победите не се изненадување – цело лето работевме како луди

Езгијан Алиоски и новата сезона ја почнува во одлична форма во дресот на Лидс јунајтед. Македонскиот репрезентативец беше стрелец на гостувањето против Норвич, негов втор гол во Чемпионшип сезонава, помагајќи Лидс по пет одиграни кола да има четири победи и едно реми и да се најде на врвот на табелата.

„Не почнавме како што посакувавме против Норвич, но го издржавме почетниот притисок и потоа ја свртевме средбата вонаша корист. Она што најмногу не радува сите е што играме убав фудбал, создаваме шанси, даваме голови и сите уживаат на нашите натпревари. Сигурно голем дел од заслугите одат на адреса на Марсело Биелса, ако ни го погледнете тимот немаме премногу промени во првите единаесетмина, но играме многу покалитетно. Нема сомнеж дека новиот стратег донесе посебен вид на фудбалска филозофија, но и победнички менталитет“ – изјави Алиоски.

За македонскиот репрезентативец одличниот старт на Лидс не е никакво изненадување, ако се земе во предвид колку напорно се работеше во текот на подготвителниот период.

Разликата е во тренинзите, толку многу се напорни, но потоа даваат резултат кога ќе дојдат натпреварите. Така беше и во подготвителниот период, цело лето работевме како луди, некогаш не ни стигнувавме да дојдеме дома за ништо друго освен за спиење. Секако дека сме пресреќни што вака стартувавме, но се уште е рано за некоја поголема еуфорија. Едвај го чекаме наредниот натпревар против Мидлсброу, првиот против вториот на табела, тоа е меч што сакаме да го добиеме за да се зацврстиме на врвот“ – истакнува македонскиот интернационалец во дресот на Лидс.

Се вчитува...