Алиоски: За мене стадионот секогаш е полн, затоа поздравував кон трибините…

Езгјан Алиоски одигра значајна улога во победата над Фулам од 3-0, постигнувајќи го вториот гол за Лидс со кој неговиот тим сега има огромни осум бода предност во однос на третопласираниот тим на табелата во трката за директен влез во Премиер-лигата. Пласманот во елитното англиско фудбалско друштво е на дофат за Алиоски и соиграчите, но тој јавно ги предупреди сите во Лидс дека не смее да дојде до никакво опуштање додека не биде остварена заедничката цел.

„Не застануваме додека не влеземе во Премиер-лигата. Имаме осум бода предност, но нема да ја гледаме табелата бидејќи знаеме дека ништо не е сигурно и не смее да дојде до опуштање. Пред нас се уште седум натпревари, одиме чекор по чекор и ќе се обидеме да славиме на секој од нив“, изјави Алиоски.

Македонскиот репрезентативец се осврна и на моментот по завршувањето на мечот, кога отпоздравуваше на празните трибини иако на „Иланд Роуд“ не беа присутни навивачи.

„Ние сме Лидс, секогаш кога играме дома имаме огромна поддршка и нормално дека навивачите ни недостигаат во ова продолжение од сезоната. Кога ќе дадеш гол, сакаш да го прославиш со верните фанови, јас се обидов да го сторам токму тоа. Можеби ме видоа на ТВ, јас секогаш ги носам спомените од полниот стадион и затоа прославував како тие да беа присутни“, објасни Алиоски.

Се вчитува...