Алкалоид покажа моќ, Вардар на колена во „Автокоманда“

Алкалоид приреди сензација во ракометниот плејоф на Македонија откако славеше со 22-21 над шампионот Вардар, нанесувајќи му го на актуелниот првак првиот овосезонски пораз на домашната сезона. Амбициозниот спортски проект предводен од селекторот Кире Лазаров блесна против најсилниот можен ривал, на моменти водеше и со „плус седум“, а младите ракометари покажаа потенцијал за да се вратат дури и кога се најдоа во негатива, на крајот стигнувајќи до заслужена победа над „црвено-црните“.

„Вардарци“ можеби се надеваа дека ќе им биде лесно како на последниот меч во „Автокоманда“, но набрзо стана јасно дека тоа нема да биде случај. Алкалоид по раните минимални водства од 1-0 и од 2-1 заигра уште подобро и набрзина стигна до 5-2. Актуелниот шампион делуваше шокирано, одбраната на Алкалоид функционираше беспрекорно, а кога ќе се најдеше начин да се мине зоната, тогаш на патот на „црвено-црните“ им застануваше одличниот голман Благојче Трајковски. Недановки побара два тајмаута, но не успеа да ги консолидира редовите на својто тим, па предноста на Алкалоид на десетина минути до крајот на полувремето изнесуваше огромни седум гола (13-6). Избраниците на Кире Лазаров не го издржаа темпото што самите го наметнаа, загубија здив пред крајот на полувремето, а Вардар го искористи тоа за да се врати и да намали на 13-10.

Второто полувреме почна со немила случка, откако домашниот ракометар Марко Митев заработи незгодна повреда и мораше на носилки да биде изнесен од теренот. Вардар серијата од крајот на првиот ја продолжи и на почетокот од вториот дел, Томовски бранеше одлично, па „вардарци“ во 40. минута преку Гоце Георгиевски стигнаа до израмнување од 15-15. Лазаров побара тајмаут, по што неговиот тим се врати во ритам и преку Илиевски (два гола) и Серафимов поведе со 18-15.  Шампионот не се предаде, намалувајќи на еден гол разлика (20-19) преку Куни Моралес на осум минути до крајот. Цврстата одбрана на Вардар се повеќе им создаваше проблеми на младите играчи на Алкалоид, па по една украдена топка на Моралес, Манасков погоди од бек за израмнување на 20-20. Алкалоид промаши зицер од крило, по што Гоце Георгиевски на четири минути до крајот реализираше за 20-21, прво водство на Вардар на овој натпревар.

Репрезентативецот Ѓоргиев погоди за израмнување на 21-21, по што Трајковски со својата тринаесетта интервенција го запре обидот на Талески, за Лазаров да побара тајмаут на точно две минути до крајот. Петковски на крило изнуди пенал од Марко Мишевски, по што Серафимов од седум метри го матираше Борко Ристовски. Талески пак презеде одговорност, но повторно на патот му застана одличниот Трајковски на голот на Алкалоид. „Сино-белите“ имаа гол предност и напад во последната минута, а по неизвесната завршница Савревски не реализираше, давајќи му последна шанса на Вардар. Алкалоид сепак успеа да се одбрани, за заслужена победа на овој амбициозен клуб, прва во историјата над најтрофејниот Вардар, за уште поинтересно продолжение на сезоната во ракометниот плејоф.

Серафимов беше најефикасен со седум гола, по три постигнаа Кофиловски, Илиески и Младеновиќ, додека кај Вардар најдобри стрелци беа Манасков со седум и Талески со четири погодоци.

Се вчитува...