Алкалоид пред нов европски испит… Лазаров: Италијанскиот ракомет е во подем

Ракометарите на Алкалоид продолжуваат со настапите во ЕХФ Европскиот куп, со гостување во Италија против екипата на Бриксен (19 часот).

Осминафиналниот ривал на македонскиот освојувач на Купот доаѓа од Апенинскиот полуостров, но иако оваа земја нема ракометна традиција, во последните години сериозно работи на напредок во овој спорт. Тоа го покажаа и резултатите на „аѕурите“ на последното СП, поради што Кире Лазаров и неговите избраници работеа максимално за фокусирани и без ниту ронка потценување да влезат во овој дуел.

„Имавме доста материјал за Бриксен и доста се посветивме на нив. Знаеме дека се работи за искусна екипа што игра долго време заедно, знае што сака и што прави во секој момент на теренот. Играат со не повеќе од осум до девет играчи, а тоа значи дека добро се воиграни и затоа мора да бидеме многу внимателни. Тоа што играат со осум до девет играчи од една страна е предност за Бриксен затоа што се воиграни и со поглед може да се договорат што да прават, од друга страна, пак, може и да е мала предност за нас затоа што ние имаме повеќе играчи на располагање и сме побрзи. Добро е што првиот меч го играме на гости, тоа е еве една мала предност за нас ќе речам, затоа што реваншот ќе го играме дома и ќе можеме во нашата сала пред нашата публика да го бараме потребниот резултат. Треба да имаме предвид и дека италијанскиот ракомет е во подем, со она што го прикажа нивниот национален тим. Ние нема да потцениме никого во ниту еден случај, ќе одиме со 100%. Мислам дека екипата е добро подготвена, водиме грижа сите играчи да бидат во ред, посебно тие што играа на Светското првенство“, изјави тренерот Кирил Лазаров.

Се вчитува...