РК Алкалоид денеска промовираше седуммина нови ракометари, со што клубот останува на својата определба и во следната сезона да биде клуб составен во најголем дел од македонски ракометари кои ќе добијат врвни услови за тренинг, ќе работат според професионална програма и ќе имаат простор за напредок преку настапите на домашната и на европската сцена.
Со тоа клубот по освоениот трофеј во ЕХФ Европската лига, има за цел следната сезона да дојде до првата историска титула, која во последните три сезони заминува во Битола кај Е.Пелистер.
Ненад Костески, репрезентативното десно крило му се приклучува на РК Алкалоид следната сезона. Костески е роден стружанец, има 24 години, добро се познава со новите соиграчи преку репрезентативните настапи, а следната сезона ќе има шанса да игра и покрај својот повозрасен брат, Никола Костески.
Емилијан Ѓорговски, големиот македонски потенцијал на левата бековска позиција е нов член на екипата предводена од Кирил Лазаров. Беше дел од сите младински репрезентации, а повремено е член и на сениорскиот тим. Михаил Аларов, репрезентативниот пивот кој игра одлично и во одбрана и во напад ќе биде дел од составот на РК Алкалоид следната сезона. По една сезона мината на калење во екипата на РК Дубочица од Србија, во редовите на РК Алкалоид се враќа десниот бек Михаил Иваноски. Развојот на Иваноски во текот на сезоната беше постојано следен од стручниот тим на РК Алкалоид и сега одново ќе биде дел од екипата.
Развојната програма на РК Алкалоид како продукт за првиот тим го нуди младиот голман Ѓорѓи Николовски. Николовски е вонсериски талентиран, луциден, пожртвувано работеше во младинските категории на клубот и во екипата на РК Мулти Есенс и целосно ја заслужи шансата да дојде во првиот тим. Тој ќе го комплетира голманското трио во кое се уште и Марко Кизиќ и Иван Галевски.
Давид Трајкоски, ракометар од позицијата лево крило потпиша за Алкалоид откако досега го носеше дресот на РК Прилеп. Во редовите на РК Алкалоид на позицијата лев бек за следната сезона е ангажиран и Урош Борзаш, репрезентативец на Србија. Бекот шутер има богато резиме, докажани квалитети и од Алкалоид очекуваат брзо да се вклопи во новиот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА