Алушовски: Металург и Пелистер квалитетно се засилија, но титулите ќе бидат за Вардар

Новиот Вардар предводен од поранешниот македонски репрезентативец кој неколку години плива во тренерските води, Стевче Алушовски претстојнава сезона по неколкугодишна пауза ќе има здрава конкуренција и на домашен терен. Еурофарм Пелистер, но и Металург направија тимови кои вистински можат да ги загрозат позициите на Вардар кој беше комотен во последните неколку шампионати.

„Среќен сум што во Македонија ќе има три квалитетни екипи, квалитетот и на Металург и на Еурофарм Пелистер е на повисоко ниво, но ние не се плашиме од никого, за нас домашото првенство почнува во март, добро е што се три екипи со еднаков квалитет, но ние секако ќе одиме на двете титули“ – вели Алушовски кој има големо играчко искуство во домашниот шампионат.

Националното првенство за Вардар сепак доаѓа многу подоцна од меѓународните предизвици. „Црвено-црните“ имаа незавршена работа од претходната сезона па според планот на СЕХА лигата на 29. август трба да го одиграат реваншот со Нексе од четвртфиналето, а потоа и во првиот викенд од септември и Ф4 турнирот во регионалното натпреварување во Задар. Фиксен засега е стартот на Лигата на шампионите, за Вардар првиот меч е на 17. септември против Мешков Брест.

„Екипата не е на нивото од претходните години, но не е екипа за потенцување, клучно ни беше да имаме здрава конкуренција на секоја позиција, имаме и звучни имиња како Марко Вујин кој се враќа по тешка здравствена состојба, но е голем играч, големиот број на играчи, а пред се двата средни бека кои допрва треба да се адптираат во играта е тешко да се постигне за овие два месеци кои ги имаме, но тоа се слатки маки, многу потешко е тоа што не опкружува, не може долгорочно да се планира, можете да правите планови само за една недела“ – објаснува стратегот на Вардар.

Ракометарите на Вардар в понеделник одат на комплетни медицински прегледи кои се неопходни со оглед на четиримесечната пауза која ја имаа. Подготовките според планот ќе бидат комплетно во Скопје во објектите и на терените околу СЦ „Јане Сандански“. Како дел од подготовките за новата сезона, Вардар ќе учествува на традиционалниот турнир во Струга, а предвидено е и учество на турнир во Кањижа.

Се вчитува...