Алушовски: Се исплашивме од помислата дека ќе го победиме Вардар

Големо е разочарувањето во таборот на Работник откако битолскиот суперлигаш пропушти идеална шанса да го земе скалпот на шампионот Вардар. „Фармацевтите“ од Битола имаа предност од девет гола во првото полувреме, но и тоа се покажа премалку за да се стигне до триумф над скопските „црвено-црни“.

„И покрај поразот морам да им честитам на моите ракометари. Секоја друга екипа после предноста од првиот дел веројатно ќе дејствуваше поинаку во продолжението. Ние некако како да се уплашивме од шансата да ги победиме. Вардар влезе со потценувачки пристап кој не е својствен за нив, но сепак се работи за светска екипа и честитки за нив и за победата. Ние сме на прав пат, имаме скратен ростер, некои ракометари се уморни по репрезентативните натпревари и во овој момент не можевме повеќе од ова издание“ – истакна тренерот Стевче Алушовски по натпреварот.

Вардар со овој триумф на најтешкото гостување практично експресно ја запечати трката за титулата, но јасно е дека „црвено-црните“ ќе мора да играат многу, многу подобро ако сакаат да го минат Пик Сегед и да се пласираат на Ф4 турнирот во Келн од Лигата на шампионите.

Се вчитува...