Анадолу Ефес го доби Фенербахче и за првпат ќе игра во финалето на Ф4 во Евролигата

Анадолу Ефес го доби турското дерби против Фенербахче со 92-73 и за првпат  се пласираше во финалето на фајнал-фор турнирот во Евролигата кој се игра во Виторија, Шпанија.

Натпреварот започна израмнето. Се играше кош за кош, а по десет минути резултатот гласеше 20-19 за Фенербахче. Избраниците на Атаман, беа подобри во втората четвртина која успеаја да ја добијат со шест поени разлика и на полувреме да заминат со предност од 45-40. Кошаркарите на Анадолу Ефес, предводени од Шејн Ларкин и Василије Мициќ одиграа неверојатно добра напаѓачки трета четвртина во која во 29. минута стигнаа  до највисоките +13 во тој момент 68-55. Во последанта четвртина Анадолу Ефес продолжи да го полни кошот на Фенербахче. Во 37. минута од мечот избраниците на Атаман стигнаа и до највисоките +21 (82-61). До крајот тие само рутински го приведоа мечот за конечни 92-73.

Најдобар поединец во победничкиот табор беше Шејн Ларкин со уфрлени 30 поени, надополнети со по 7 скока и асистенции, додека Василије Мициќ уфрли 25 поени. Кај поразените Јан Весели  беше најдобар со 14 поени, а Грин уфрли 13.

Во второто полуфинале од 21 часот се среќаваат актуелниот шампион Реал Мадрид и московска ЦСКА.

Се вчитува...