Анадолу Ефес го задржува тимот што играше финале во Евролигата

Европскиот кошаркарски вицешампион, Анадолу Ефес го продолжи договорот со тренерот Ергин Атаман до 2021 година. Атаман во 2017 година повторно седна на клупата на турскиот гигант, кој претходно го водеше во два наврати (1999-2001 и 2008-2010), а сезонава го водеше до финалето во Евролигата.

Во финалето Ефес беше сопрен од ЦСКА Москва, но раководните лица на клубот сметаат дека самиот пласман во финалето е голем успех, па одлучија 53-годишниот тренер да го наградат со продолжување на соработката.

Покрај Атаман турскиот гигант го продолжи договорот и со еден од најдобрите кошаркари, Брајан Данстон на уште две години. Во клубот во следната сезона се очекува да останат и Мициќ, Симон и Моерман, а во клубот ќе остане и Шејн Ларкин, само доколку не добие понуда од некој од клубовите во НБА лигата.

Се вчитува...