АНАЛИЗА: Парондо немаше „План Б“ за Дејвис

Вардар го претрпе и вториот пораз на домашен терен сезонава, овој уште поболен од оној од Барса, ако се земат во предвид оние „плус пет“ во феноменалното прво полувреме на „црвено-црните“. Овој неуспех сигурно ќе боли, уште повеќе ако се знае дека со него е загубено и второто место на табелата, но уште поважно е од него да се извлечат поуки, за грешките да не се повторат во клучните битки што ќе се водат во следните два месеци, за обезбедување на место за Ф4 во Келн.

1. Дејвис ја доби битката со Парондо

Ако Роберто Парондо досега генијално ги добиваше мечевите со поставена тактика за која ривалите немаа одговор, Шпанецот се соочи со ракометната вистина – средбите траат по 60 минути и мора да се одиграат беспрекорно до крај, за вашиот тим да победи.

Слично како и во минатото коло во Манхајм Вардар и вчера тргна фуриозно, одигра полувреме блиско до перфекција. Само што овојпат противникот (Давид Дејвис) ги увиде слабостите во својот тим, направи неколку рокади и работите тргнаа на подобро за Веспрем. А кога Унгарците влегоа во ритам, Парондо задоцни со тајмаутот (го зеде дури откако предноста се испоти на еден гол), но и тоа не промени ништо во играта. Дејвис многу добро ги предвиде неговите следни потези, ја доби тактичката битка и заслужено се радуваше на крајот.

Одбрана, што беше тоа

Ако има сегмент во играта што мора да се поправи што поскоро, тоа дефинитивно е одбраната. Вардар прими 11 гола во првото полувреме во кое Милосављев имаше 11 интервенции, повеќе од половина од нив при чисти зицери. Кога српскиот голман не успеа да продолжи во ист ритам и во вториот дел проблемот стана уште поочигледен, Веспрем лесно создаваше позиции за шут дури и кога беше со играч помалку. Епилогот е јасен – 18 примени гола во второто полувреме, како предупредување дека мора да се поправат многу работи во дефанзива ако се сака до трет фајналфор во серија.

Неодговорниот Дибиров

Тимур Дибиров добивал многу натпревари за Вардар, но исто така е и познато дека Русинот е најнеодговорниот ракомет во таборот на „црвено-црните“, подготвен да „силува шутеви“ и кога очигледно не му оди најдобро. Сведоци на тоа бевме и на пет минути до крајот против Веспрем, кога промаши пенал, веднаш потоа на одбиена топка и зицер. Па кога Вардар доби нов напад со играч повеќе, Тимур без многу размислување шутна и директно од девет метри – и промаши.

Јасно е, кредитот што го има Русинот близок на „големиот газда“ е голем, но ваква неодговорност на еден од најзначајните натпревари сезонава (вкупен шут 1/6) сепак е недозволива.

Се вчитува...