АНАЛИЗА: Пет клучни фактори за големиот пресврт на Македонија

Македонската ракометна репрезентација со епски пресврт ги надополни оние „минус седум“ од првиот меч во Фарските Острови и со извонредна игра и победа од осум гола разлика стигна до пласман на уште едно големо натпреварување, овојпат СП 2025 што ќе се одржи следниот јануари во Хрватска, Данска и во Норвешка.

Во скопскиот вулкан „изгоре“ уште една селекција што дојде полна со оптимизам, Фараните сонуваа за прво учество на европските шампионати во својата историја, дојдоа премногу самоуверени по убедливата домашна победа, но очигледно не знаеја што ги чека во СЦ „Борис Трајковски“.

А таму, видовме една сосема поразлична Македонија од онаа од пред неколку дена во Торшавн. Капитенот Митревски искрено прокоментира: „Знаев дека не можеме послабо од тоа, но и дека тие не можат да одиграат подобро од она на првиот меч. Затоа, бев убеден дека ќе се пласираме на СП“. И навистина, Македонија одигра далеку подобро, а противникот го исфрливме од ритам и со тоа си го трасиравме патот до новиот ракометен мундијал.

Нашата игра беше дијаметрално спротивна од оној прв дуел, но пет клучни аспекти го донесоа големиот пресврт и посакуваната победа од „плус осум“.

1. Селекторот отстапи од својот „шпански систем“, со ротирање на голем дел од играчите по петнаесетина минути во секое полувреме. Ова беше меч „да се биде или не“, па Лазаров се реши довербата целосно да им ја укаже на оние најдобрите, а тие му одговорија на најдобар можен начин. Кузмановски и Митев ја презедоа одговорноста, а во вистински момент имаа помош и од Серафимов, Пешевски беше форсиран без престан во нападот, што му остави на Лазаревски сила да одговори на сите предизвици во одбраната, каде неговата енергија беше значаен фактор во запирањето на Фараните. Кога сме балканска репрезентација, нема потреба од шпански методи, го увиде тоа и селекторот, и донесе правилна одлука.

2. Филип Талески ги мина сите 60 минути на клупата за резерви, и тоа не поради повреда, туку одлуката беше од тактичка природа. Тале беше еден од најслабите поединци на мечот во Торшавн, селекторот реши да се обиде без него и во напад и во одбрана, а кога мечот тргна во посакуваниот правец и нашата предност растеше, ракометарот на Бенфика остана на клупата до самиот крај. Со години чекавме Тале да ја преземе одговорноста на лидер во националниот тим, тоа не се случи, но во последно време крајно разочарувачки делуваат неговите изданија, особено по заминувањето од Вардар каде имаше лидерска улога во Бенфика каде големо време минува на клупата.

Тоа се одразува на неговата самодоверба, а по еден ваков меч на репрезентацијата со Талески 60 минути на клупата, прашање е каква ќе биде неговата улога во националниот тим на претстојниот мундијал.

3. Филип Кузмановски е апсолутен лидер, со самодоверба и мотивација да повлече кога е најпотребно. Тој беше светла точка и на дуелот во Фарските Острови, а продолжи да блеска и во Скопје, постигнувајќи седум погодоци. Кузмановски е чиста спротивност од Талески, реши од странство да се врати дома и тоа се покажа како полн погодок. „Фитиљ“ се наполни со самодоверба по серијата одлични игри за Е. Пелистер, па експлодираше кога беше најважно за репрезентацијата. 

4. Жарко Пешевски немаше ниту еден гол во Торшавн, но одличниот пивот одговори на најдобар можен начин во Скопје. Осум гола од осум обиди, вклучувајќи ги и двата во последната минута со кои беше запечатен мундијалскиот билет, одличен придонес на големиот борец кој е еден од најискусните во националниот тим.

5. Иван Џонов како џокер за одбраната. Ракометарот на Алкалоид воопшто не беше во составот на првиот дуел, но одлично се снајде на синоќешниот реванш. Главната задача му беше да даде дополнителна опција во одбраната и одлично го заврши она што се бараше од него. Поради долгото играње „седум на шест“ на противникот ретко беше на фластер на најдобриот противнички играч, Скипаготу постигна осум гола, но Џонов е една од клучните причини што тој не го разигра остатокот од фарскиот национален тим како што тоа беше случај на првиот дуел во Торшавн.

Се вчитува...