Анализа: Заспани шутери

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

По двете победи на стартот од СП 2019, вчера бевме сведоци и на првиот пораз. Неуспех од кој мора да се извлечат поуки, но кој никако не треба да биде сфатен трагично бидејќи Хрватска сепак е репрезентација од самиот врв, против која и претходно од осамостојувањето па се до ден денеска немавме победа на големите натпреварувања.

Без шут од лев бек цело полувреме

Логично е поголемиот дел од топките во „седум на шест“ да одат на пивот или вишок да се прави на крило, но сепак се очекува и надворешните ракометари да тргнат на шут, за барем малку да ја извлечат противничката зона. Тоа вчера не беше случај со Македонија, Раул во првото полувреме ги изротира Талески, Кузмановски и Филип Лазаров на лев бек, но од оваа позиција во првото полувреме не беше упатен ниту еден удар кон противничкиот гол се до обидот на Кузмановски во трка со времето, без изградена позиција со звукот на сирената. Во таква ситуација Хрватите поголемо внимание со право им обрнуваа на пивотите, свесни дека поголема опасност по голот на Шего ќе доаѓа од оваа позиција.

Промашени зицери

Двајцата пивоти промашија по три обиди (Стоилов 2/5, Пешевски 3/6), Манасков постигна шест гола од 11 обиди, Георгиевски и Поповски од спротивната страна имаа вкупно 1/3 од десно крило… Потврдија и Стоилов и Кире Лазаров, ривал како Хрватска не може да се победи кога ќе се промашат толкав број на зицери. Шего бранеше извонредно и одбрани речиси се што му беше шутнато од шест метри, а со таква реализација поразот беше неизбежен.

„Седум на шест“

Раул Гонзалес се реши за тактика „седум на шест“ од првата минута, реално кажано затоа што со „шест на шест“ ќе бевме уште побезопасни (бековите со исклучок на Кире Лазаров не шутираа со играч повеќе, како ли ќе беше во „шест на шест“ против хрватската зона). Сепак, „ел команданте“ ја загуби тактичката битка од Лино Червар, кој пред две години ја внесе оваа тактика во нашиот национален тим и дефинитивно добро ги знае добрите и слабите страни на македонските репрезентативци во овој вид на напад.

Червар и самиот се обиде со истата тактика, откако неколку напади во низа немаше одговор за нашата зона во „шест на шест“. Хрватска одигра перфектно со играч повеќе во нападот во вториот дел од првото полувреме, кога ја создаде и клучната предност и го реши победникот.

Се вчитува...