Анчелоти е „новиот шеф“ во Евертон, ќе зема поголема плата и од Клоп

Карло Анчелоти и официјално беше промовиран во нов менаџер на Евертон, откако италијанскиот стратег потпиша договор на четири и пол сезони со премиерлигашот од Ливерпул. Тој доаѓа на функцијата на местото на Марко Силва, кој имаше разочарувачки резултати и доби отказ по поразот во градското дерби со Ливерпул. Во меѓувреме тимот го водеше Данкан Фергусон, кој ќе седи на клупата и на денешниот дуел со Арсенал, по што Анчелоти утре ќе го одржи првиот тренинг со екипата. Фергусон потоа ќе остане дел од стручниот штаб на италијанскиот стратег.

Трофејниот стратег беше поврзуван со многу пореномирани клубови, но на крајот се реши да ја прифати понудата од „Гудисон парк“. Причината e пред се финансиска, откако Евертон му понуди плата од 11,5 милиони фунти по сезона, што го внесува Италијанецот меѓу петте најплатени тренери во светот. За споредба, тој ќе заработува два милиони повеќе од Јирген Клоп, по новиот договор што Германецот минатата седмица го потпиша со Ливерпул.

„Возбуден сум што можам да ја споделам веста дека потпишав договор со Евертон. Пресреќен сум што ми се укажа шанса да се вратам во Премиер-лигата како дел од овој клуб со богата традиција. Благодарност до управата што покажа голема доверба во мене“ – изјави Анчелоти.

Се вчитува...