Анчелоти остана без дефанзивци на десет дена пред „Ел Класико“

Карло Анчелоти се соочува со огромни проблеми по репрезентативната пауза откако двајцата клучни дефанзивци на Реал Мадрид, Милитао и Давид Алаба, заработија повреди при настапите за своите национални селекции.

Првата лоша вест пристигна од Бразил, од каде беше објавено дека Милитао нема да може да настапи на вечерашниот меч со Уругвај откако заработил повреда на мускулот. По враќањето во Мадрид ќе му бидат извршени прегледи, по што ќе биде познато колку долго екс-фудбалерот на Порто нема да му биде на располагање на Анчелоти.

Втората опција како централен дефанзивец, Давид Алаба, се врати повреден од настапот за Австрија. Првичните прогнози не се добри, се очекува пауза од најмалку петнаесетина дена, што значи дека Алаба (а најверојатно и Милитао) нема да биде во комбинација за големото дерби со Барселона закажано за десет дена на „Камп Ноу“.

Згора на тоа, се уште повреден е и десниот бек Карвахал, па Анчелоти нема премногу избор, повторно ќе го врати Лукас Васкез на бековската позиција, додека како централни дефанзивци ќе стартуваат Валјехо и Начо.

Се вчитува...