Анчелоти си го донесе „пуленот“ од Наполи во Евертон

Карло Анчелоти конечно донесе фудбалер по свој вкус во Евертон, комплетирајќи го трансферот на Бразилецот Алан од редовите на Наполи. Италијанскиот стратег го бараше Алан и во текот на јануарскиот преоден рок, тогаш „наполитанците“ не беа расположени, но откако стана јасно дека Бразилецот го загуби првотимскиот статус Де Лаурентис даде зелено светло за негово заминување од Неапол.

Бразилскиот играч за врска играше во животна форма додека Анчелоти беше тренер, но по тренерската смена Алан влезе во неколку конфликти со Гатузо, по што беше и казнуван од клубот поради недисциплина на тренинзите. „Наполитанците“ пред две години одбиваа по 50 милиони евра за овој фудбалер од ПСЖ, но во меѓувреме неговата вредност осетно опадна, па тој сега си замина за 25 милиони евра отштета.

Следен на листата со желби на Анчелоти е уште еден негов поранешен фудбалер, Хамес Родригез од Реал Мадрид. Личните услови со колумбискиот интернационалец се веќе договорени, а се чека уште зелено светло од Реал Мадрид за Хамес да се пресели на „Гудисон Парк“.

Се вчитува...