Андреа Пирло најави пензија!

Андреа Пирло е подготвен да се збогува од фудбалот по истекот на договорот што го има со тимот на Њујорк, во декември оваа година. Италијанскиот генијалец наполни 38 години и иако настапува во лига што на физички план е далеку под нивото на врвните европски шампионати, тој сепак чувствува дека е дојдено времето да се каже збогум на најважната споредна работа на светот.

„Едноставно, увидувате дека е дојдено времето. Секој ден имам физички проблеми, не можам да тренирам бидејќи секогаш чувствувам болка на некој дел од телото. На моја возраст, тоа е знак дека е дојдено времето, не може да се очекува да играм фудбал до 50 години. Ќе треба да најдам нешто друго за ангажман во иднина“ – изјави Пирло за „Газета дело спорт“.

Фудбалскиот генијалец во својата кариера освои се што можеше да се освои, со Милан стигна до две титули во ЛШ, со Јуве и Милан освои шест скудета во Серија А, додека со италијанската репрезентација се закити со титулата светски шампион на мундијалот што во 2006 година се одржа во Германија.

 

Се вчитува...