Ангеловски: Анализирани се грешките од Ерменија, сега одиме на две победи

Македонскиот селектор Игор Ангеловски вели дека безусловно националниот тим оди на две победи во последните два меча од групната фаза во Лигата на нациите против Лихтенштајн на 16. ноември на гостински терен и против Гибралтар на 19. ноември во Скопје.

„Списокот е веќе стандарден, како трет голман е повикан Дени Илиев, веќе најавив дека ќе ротираат со Шишковски и со Алексоски доколку ја поврати старата форма. Повикан е и Крсте Велкоски кој игра во добра форма во Сараево“ – истакна Ангеловски по соопштувањето на списокот за двата дуели, притоа дополнувајќи:

„Секогаш размислувам најпрво само за првиот натпревар. Се надевам дека ќе оствариме триумф против Лихтенштајн, а потоа и против Гибралтар дома. Атмосферата е одлична, ги анализиравме причините за поразот со Ерменија. Грешките се индивидуални, но виновни сме сите, почнувајќи од мене како селектор, па понатаму… Сепак, се уште сме во пол позиција за да го освоиме првото место во групата и верувам дека на крајот ќе биде така. Лихтенштајн ни е познат противник, Гибралтар позитивно изненади на последните мечеви и со тоа покажа дека нема слаби противници, сите напредуваат, но ние мораме да ја оствариме нашата цел.“

За Ангеловски, откако ќе се освои првото место во групата, секако главна цел понатака ќе биде пласманот на Европско првенство….

„Кога ќе ја поминеме групата, следна цел што ќе ја поставам е пласман на Европско првенство, дали преку плеј-оф во Лигата на нации, или преку квалификациите кои ќе следат“ – истакна македонскиот селектор.

Собирот на репрезентацијата за престојните два натпревари од Лигата на нации е закажан на 12. ноември (понеделник) директно во Цирих, Швајцарија, каде ќе течат подготовките во очекување на дуелот против Лихтенштајн закажан за 16. ноември. Натпреварот против Гибралтар се игра на 19. ноември во Скопје.

Се вчитува...