Ангеловски: Без експерименти, против Гибралтар во најсилниот состав!

ЕКИПА во Гибралтар,

Владимир Булатовиќ

Македонскиот селектор Игор Ангеловски на официјалната прес-конференција пред утрешниот старт во Лигата на нациите и дуелот против аутсајдерот Гибралтар на гостински терен нагласува дека нема да има никакви експерименти во составот на селекција. Ќе се игра со најдобрите во моментов, без разлика на противникот од спротивната страна.

„Како и досега така и сега на секој натпревар ќе играме со најдоброто со кое располагаме. Добро знаете дека, според мене, најважниот меч во групата од Лигата на нациите не очекува за три дена во Скопје против Ерменија, но тоа не значи дека сега против Гибралтар ќе има некакви калкулации. Напротив, ќе играме со најдобриот состав“ – рече Ангеловски, дополнувајќи дека е задоволен од подготовките за овој натпревари изминативе три дена во Гибралтар.

„Сосема исправна беше одлуката од понеделникот да бидеме тука на подготовки во Гибралтар, за да ги почувствуваме условите за игра, да го почувствуваме теренот. Мислам дека минавме успешни три дена подготовки и сигурен сум дека момците се одлично подготвени за предизвикот кој ги очекува утре. Фудбалерите одработија навистина одлични тренинзи, техничко-тактички сме максимално подготвени и верувам дека ќе дадат се од себе за да дојдеме до првата победа во Лигата на нациите“ – истакна македонскиот селектор.

Се вчитува...