Ангеловски го „скрои“ составот: Со цврста одбрана и комплетно нов среден ред против Ерменците

Македонската репрезентација со значително променет состав ќе се спротистави на Ерменија во последниот натпревар од Ц-лигата во Лигата на нации кој одлучува околу тоа која од двете селекции следната сезона ќе прогресира во Б-лигата на ова натпреварување на УЕФА.

Откако е јасно дека Игор Ангеловски нема да може да смета на Пандев, Барди, Алиоски, Адеми, Димитриевски, Елмас, Николов, Спировски, Кире Ристевски и Велкоски, останува тимот за денешната пресметка против Ерменците да се потпира главно на составот од претходниот дуел со Естонија со, единствено променет среден ред.

Одбраната се очекува да биде комплетно иста со Бејтулаи, Велковски и Муслиу пред голманот Шишковски, додека во средниот ред покрај за Ристовски на страничната позиција се очекува место да има и за Костадинов, фудбалерите на Шкендија, Тотре и Љупче Дориев кој одигра повеќе од квалитетно на пресметката со Естонците.

Во нападот, покрај Тричковски и Трајковски, овој пат од првата минута се очекува да биде Влатко Стојановски, кој исто така повеќе од успешно ги искористи своите минути на дуелот со Естонија во Скопје.

Натпреварот меѓу Ерменија и Македонија на „ГСП арената“ во Никозија, Кипар, е закажан со почеток од 18 часот.

Се вчитува...