Ангеловски: Играме за една голема цел – првото место!

ЕКИПА во Лихтенштајн,

Владимир Булатовиќ 

Фудбалската репрезентација на Македонија е подготвена за последните два чекори до остварување на целта, освојување на првото место во групата и обезбедување пласман во плејофот од Лигата на нации. Селекторот Игор Ангеловски истакнува дека мотивацијата е на максимално ниво кај сите во националниот тим, и амбициите се јасни – да се победи Лихтенштајн.

„Атмосферата во националниот тим е на највисоко ниво. И покрај оној резултат во Ерменија, силно верувам во овие момци и знам дека утре ќе победат против Лихтенштајн. Јас секогаш велам, не е важно против кого играме, но за што играме. А утре играме за една голема цел а тоа е првото место во оваа група“, вели селекторот Ангеловски.

Поразот од Ерменија е оставен во заборав, а Ангеловски има максимална доверба во своите избраници, без разлика на слабото издание во Ереван.

„Сите фудбалери се подготвени, без разлика кој ќе игра. Секако, силно верувам и во Столе Димитриевски без разлика на оној меч со Ерменија. Јасно е за каков голман се работи кога брани во најсилната шпанска лига. И сигурно воопшто не се спорни неговите квалитети. Наша цел беше неколку дена тука да се аклиматизираме, и минавме успешни подготовки низ кои имавме идеални услови за работа“, истакна предводникот на националниот тим на официјалната прес – конференција.

Се вчитува...