Ангеловски: Не сме оптоварени со проблемите на Ерменија, размислуваме за нашата игра

ЕКИПА во Ереван,

Никола Ѓуровски

Фудбалскиот национален тим е во очекување на утрешниот четврти натпревар од Лигата на нации. По трите последовни победи на стартот и речиси обезбеденото прво место, желбите се да славиме и над Ерменија на гости. Домаќинот значително ни ја олесни задачата во групата 4 од Лигата Д, откако пред два дена загуби од Гибралтар (0-1) пред своите гледачи.

Селекторот Игор Ангеловски вели тој и македонските фудбалери воопшто не се оптоваруваат со проблемите на Ерменците, туку размислуваат како да одиграат најдобро што умеат и да ја продолжат позитивната низа.

„Ерменија е квалитетна репрезентација и не треба да не залажува поразот од Гибралтар. Тоа нам ни донесе предност на табелата, но секако дека утрешниот меч ќе има огромно значење. Ние сакаме да продолжиме со позитивните резултати и ќе влеземе максимално сериозно во овој дуел. Сакаме да ја надградиме играта од претходниот меч против Лихтенштајн и верувам дека ќе успееме во тоа. Ме радува фактот што сите фудбалери сега се здрави и способни за настап, и утре очекувам да истрча на теренот најсилната Македонија. За составот ќе одлучам во пресрет на натпреварот“, изјави селекторот Игор Ангеловски на прес – конференцијата, во пресрет на утрешниот дуел во Ереван.

Во овие моменти македонскиот национален тим го одржува и официјалниот тренинг.

Се вчитува...