Ангеловски: Не смееме да летаме во облаци, секој натпревар мора да се игра максимално сериозно

Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски искажа задоволство од победата против Естонија од 2-1 која ги одржа шансите за првото место во групата и во новата сезона од Лигата на нации. Но, потенцираше дека националниот тим на секој натпревар мора да игра максимално сериозно без разлика што е остварен историски пласман на ЕП овој месец.

„Не смееме да летаме во облаци иако и на рутина добиваме натпревари. Но тоа го правиме само со тимови, без да навредам никого, со послаб квалитет. Да бидам искрен не влеговме добро на почетокот од денешниот дуел но потоа навлеговме во посакуваниот ритам. Второто полувреме повторно го почнавме послабо, но по примениот гол одигравме на максимално ниво така како што треба да игра Македонија. Мора да нагласам дека секој што ќе добие шанса треба да покаже максимум на терен. Се радувам за голот и играта на Стојановски и Дориев кои потврдија зошто се во репрезентацијата“ – истакна Ангеловски по мечот, веднаш дополнувајќи:

„Ја добивме Естонија и на еден меч сме од остварување на целта да завршиме на првото место и да се пласираме во Б-лигата од Лигата на нации. Немаме пораз цела 2020 година и мислам дека заслужуваме да ја заокружиме годината со уште победа“.

Македонија против Ерменија се соочува на 18. ноември на дуелот кој поради воената состојба во Ерменија ќе се игра во Никозија, Кипар.

Се вчитува...