Ангеловски: Нема да калкулираме, одиме на победа против Ерменците

Македонската фудбалска репрезентација ќе биде без Горан Пандев, Столе Димитриевски, Енис Барди, Аријан Адеми, Езгијан Алиоски, Елид Елмас, Бобан Николов и Стефан Спировски утре на „ГСП Арената“ во Никозија на пресметката против Ерменија, одлучувачка за првото место во Ц-лигата од Лигата на нации.

Но, тоа ниту најмалку не значи дека националниот тим ќе калкулира на патот до првата позиција и прогрес во Б-лигата следната сезона.

„Јас не сум тренер што калкулира, а особено да играм на нерешено. Можеби тоа е и маана. Нема секако да се жалиме поради недостатокот на голем број фудбалери, затоа што имаме доволно квалитет со играчите што се тука да дојдеме до целта. Сите тие треба да докажат и покажат зошто се тука. Нас секој позитивен резултат не носи во Б-лигата и тоа е многу важно. Целта е првото место секако“ – истакна на прес-конференцијата пред утрешниот дуел Ангеловски, притоа не сакајќи да открие во која формација Македонија ќе настапи против Ерменците.

„Нема да експериментираме со одбраната, таа со Дарко Велковски одлично функционира, а имаме доволно играчи за средниот ред. Ерменија е селекција која ни е добро позната, знаеме дека се добри, дека имаат добри резултати, ги знаеме добро Хамбарџумјан и Барсегјан, уште од времето во Вардар. Но, јас секогаш велам дека само од нас зависи и од тоа како ние ќе се поставиме и ќе одиграме“, дополни Ангеловски.

Се вчитува...