Ангеловски: Нема пензија за Пандев ниту по ЕП, ќе ни треба за Светското првенство 2022!

По историската победа против Грузија од 0-1 во финалето од Лигата на нациите која за македонската фудбалска репрезентација значеше и пласман на Европското првенство следната година, капитенот Горан Пандев само уште еднаш најави дека тоа за него би бил извонреден крај на кариерата.

„Секако и претходно кажав дека настапот на Европското првенство во јуни 2021 би бил извонреден крај на кариерата. Дали можев да очекувам нешто подобро на мои 38 години. Остварување на сонот“ – ни коментираше Горан Пандев по синоќешниот натпревар во Тбилиси, а во друштво и на селекторот Игор Ангеловски.

Но, овие негови зборови не останаа незабележани од македонскиот селектор, кој низ шега дополни:

„Нема пензија за Горан ниту по Европското првенство. Најпрво мора да одиме на Светското првенство 2022 во Катар, па потоа може да размислиме да го ослободиме“.

Па, иако во овој момент и за самиот Горан сето тоа се чини неверојатно, а зборовите на Ангеловски само шега, како игра во моментов и во дресот на италијанската Џенова и во репрезентативниот дрес, зошто по јуни 2021 ете да не ја продолжи кариерата? Кога веќе и онака не престанува со своите изданија на терен, својот однос кон фудбалот, со својата љубов кон играта и националниот дрес да не воодушевува, не само нас, туку и светот!

Се вчитува...