Ангеловски по преспиената ноќ: Емотивно сме испразнети, но кога се игра за Македонија нема оправдувања – на победа и против Естонија

Селекторот на македонската репрезентација Игор Ангеловски по неизбежната еуфорија и пласманот на ЕП, а по преспиената ноќ, на прес-конференцијата пред утрешниот натпревар со Естонија во новата сезона од Ц-лигата во Лигата на нации потенцираше дека е очекувано да има емотивно испразнување кај репрезентативците, но тие се професионалци пред кои нема оправдување и безусловно ќе атакуваат на победи во следните два меча кои треба да не донесат до посакуваното прво место во групата.

„Јас кога почна оваа нова сезона кажав дека нашата главна цела е пласман на ЕП, но и сакаме во новата сезона да дојдеме до првото место во групата. Нормално е сега, по еден ваков успех, да бидеме и емотивно испразнети но кога играш за Македонија секој натпревар е важен. Имаме и свежина и квалитет во репрезентацијата да дојдеме до победа против Естонија“ – истакна Ангеловски притоа дополнувајќи:

„Од тоа што го имам на располагање ќе се обидеме да креираме и најдобра тактичка варијанта да дојдеме до победата против Естонија. Но, ние сме доволно заедно и доволно се познаваме меѓу себе за да знаеме како да дојдеме до победата и до битката за првото место во групата“.

Македонија и Естонија во 5. коло од Ц-лигата во Лигата на нации играат утре од 15 часот на националната арена „Тодор Проески“.

Се вчитува...