Ангеловски: Убедлив триумф во допадлива игра, продолжуваме исто и во Ереван

Фудбалската репрезентација на Македонија оствари убедлив триумф против Лихтенштајн (4-1) и се наоѓа многу блиску до освојување на првото место во групата 4 од Лигата Д. Селекторот Игор Ангеловски секако е задоволен од третата последовна победа, ги истакна натчовечките напори што и медицинскиот тим ги направи за да оспособи дел од фудбалерите кои имаа вирус, и најави дека Македонија ќе атакува на шест победи до крајот на циклусот.

„Задоволни сме од триумфот, го остваривме во допадлива игра, бевме и голгетерски расположени. Сакам да им честитам на момците за настапот, имаа натчовечки напори, и фудбалерите и медицинскиот тим кој стори се за да ги оспособи за настап. Блиску сме до првото место во групата, но продолжуваме во исто темпо, ќе одиме на триумф и во Ерменија, како и на сите мечеви до крајот. Имаме и дополнителни мотиви, најдобрата репрезенација ќе има најповолна позиција пред плејофот во Лигата на нации, а исто така би можеле да бидеме и во четвртиот барабан пред ждребот за квалификациите за ЕП 2020“, изјави Игор Ангеловски.

Селекторот на Лихтенштајн, Рене Паурич, реално го анализираше натпреварот, истакнувајќи дека Македонија апсолутно заслужено стигна до триумфот.

„Македонија беше многу поквалитетен противник и заслужено оствари триумф. Знаевме за нивните силни страни, но не успеавме да ги спречиме. Во вториот дел, дури и го намалија темпото и повторно беа многу подобри. Ние ќе се фокусираме на следниот меч“, изјави Паурич.

Се вчитува...