Англичаните најавуваат: Барди ќе биде првото засилување за Арсенал

Македонскиот репрезентативец Енис Барди е на прагот на трансферот на соништата во англискиот премиерлигаш Арсенал. Медиумите на Островот тврдат дека тој ќе биде првото засилување на „топчиите“ за новата сезона. Менаџерот Микел Артета инсистира Барди да биде доведен на „Емирати“ откако бил импресиониран од неговите игри во последните неколку кола во Примера.

Раководството на Арсенал ги продолжи договорите со Пабло Мари и со Седик Соареш, а третиот потпис треба да биде токму оној на Енис Барди. Останува да се комплетира сезоната во Ла Лига, а потоа и да се комплетира трансферот. Дотогаш Арсенал и Леванте треба да ја „испеглаат“ разликата во финансиските параметри. Англичаните нудат 20 милиони евра, а Леванте бара најмалку 5 милиони евра повеќе за македонскиот репрезентативец кој има договор до јуни 2022 година. Во него има отштетна клаузула од 50 милиони евра доколку Енис Барди сака да замине. Сепак, се е тоа работа на преговори.

Микел Артета одлучи Дани Себалјос да се врати во Реал Мадрид, од каде дојде на позајмица, а средниот ред треба да биде засилен токму со Енис Барди. Тој има одличен преглед на играта, носи цврстина и стабилност во маневарот, поседува силен и прецизен шут од далечина и на фантастичен начин изведува слободни удари, пишуваат Англичаните, најавувајќи го новото потенцијално засилување на Арсенал.

Се вчитува...