Англичаните „паднаа“ во Брисел, еврогол на Мертенс

Белгија ја отпиша Англија од трката за првото место во групата од Лигата на Нации откако „гордиот албион“ вечерва загуби во Брисел со 2-0. „Црвените ѓаволи“ целата работа ја решија уште во првото полувреме, најпрвин Тилеманс со удар од дваесетина метри го матираше Пикфорд, пред конечните 2-0 да ги постави Мертенс со еврогол од слободен удар.

Дополнителен проблем за Англичаните претставуваше и повредата на левиот бек Чилвел, кој сега најверојатно ќе мора да пропушти и неколку натпревари на Челси.

Данска се соочи со огромни проблеми, но на крајот сепак успеа да слави над Исланд со 2-1. По пеналот на Ериксен во 12. минута се чинеше дека триумфот на домаќините нема да биде доведен во прашање, но Исланд изненади со израмнувачкиот погодок што во 85. минута го постигна Кјартансон. Данците тргнаа во тотална офанзива во завршницата и со вториот пенал на Ериксен стигнаа до трите бода.

Италија и покрај бројните отсуства успеа да триумфира на дуелот со Полска со 2-0. Жоргињо го постигна првиот гол од пенал во 27. минута, а конечните 2-0 во самиот финиш ги постави Берарди.

Јосип Иличиќ со гол од пенал во 93. минута донесе победа на Словенија на дуелот со Косово, а со резултатски пресврт славеше и Австрија против Северна Ирска со погодоците на Шауб и на Грбиќ во последните десет минути од мечот.

Се вчитува...