Англија го повтори фантастичното достигнување на Југославија

Англија славеше со 0-2 на денешното гостување во Тирана против Албанија, резултат со кој „гордиот албион“ го финишираше најуспешниот квалификациски циклус во историјата на овој европски гигант.

Имено, избраниците на Томас Тухел не само што забележаа осум победи на исто толку натпревари, туку и на овие осум меча не примија ниту еден единствен гол. Со тоа, Англија стана втора европска репрезентација во историјата што завршила едни мундијалски квалификации без ниту еден примен гол.

Првата што успеала во такво нешто е селекцијата на Југославија во квалификациите за СП 1954, со тоа што во тој квалификациски циклус југословенските фудбалери одиграа четири меча, наспроти осум на Англичаните годинава.

Југославија тогаш забележа четири минимални победи од по 1-0, по две над Грција и над Израел, нашата поранешна држава потоа стигна до четвртфиналето на СП 1954 каде што загуби од Германија, која на крајот се закити со светската титула.

Се вчитува...