Со победата од 2-0 над Панама, Англија го обезбеди првото место во групата Л и место во осминафиналето на Светското првенство.
Но, селекторот Томас Тухел има големи причини да биде загрижен по прославата бидејќи клучната позиција во тимот стана критична поради нова повреда.
Позицијата на десниот бек му предизвикува проблеми на англискиот селектор. Џарел Кванса, кој го започна натпреварот против Панама на местото на веќе повредениот Рис Џејмс, мораше да го напушти натпреварот во второто полувреме.
Тухел потврди по натпреварот дека Кванса го повредил глуждот.
„Тоа е класично истегнување. Вели дека му се случило и претходно и дека закрепнувањето треба да трае неколку дена“, рече Тухел.
Малку опции пред нокаут фазата
Проблемот за Англија е што го играат првиот натпревар од нокаут фазата за четири дена. Настапот на Рис Џејмс е сè уште голем прашалник поради повреда на тетивата, додека Тино Ливраменто ја напушти репрезентацијата порано поради проблем со листот.
Откако Ливраменто се повреди, Тухел одлучи да го повика стоперот Трево Чалоба, место класичен десен бек како Трент Александар-Арнолд, што сега значително ги стесни неговите опции. Доколку Џејмс и Кванса не се подготвени, Џед Спенс или стоперот Езри Конса, кој ги одигра сите три натпревари во групата на својата природна позиција, би можеле да играат на позицијата десен бек.
Тухел не ја крие својата загриженост.
„Секако дека сум загрижен за ситуацијата на позицијата десен бек. Имаме уште една повреда на истата позиција“, рече тој и дополни:
„Ќе биде трка со времето и за Рис Џејмс и за Џарел Кванса. Но, наша работа е да најдеме решенија и тоа е она што ќе го правиме.“
Англија ја заврши групата на првото место, но влегува во нокаут фазата со неочекуван и сериозен проблем. Тухел ќе мора да одлучи до среда дали ќе ризикува со еден од недоволно закрепнатите играчи или ќе ја преуреди одбраната пред првиот елиминациски натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
