Англиските клубови денеска гласаат: Крај на традицијата долга 150 години

Англиските фудбалски клубови денеска ќе одржат состанок со челниците на Фудбалската Асоцијација на која ќе се дискутира и гласа за промените во системот на куп-натпреварувањата. Промените што се предлагаат ќе значат крај на традицијата што трае од самите почетоци на ФА Купот, а би стапиле на сила од почетокот на сезоната 2024/25.

Конкретно, станува збор за правилото по нерешените средби да не се играат продолженија и пенали, туку веднаш да биде закажан повторен натпревар меѓу ривалите. Поголемите клубови се жалат дека тоа доведува до дополнително згуснување на ионака пеколниот календар, па инсистираат веднаш да се прејде на продолженија и пенал-рулет.

Малите клубови се против овие промени бидејќи од куп-средбите, особено против ривали од Премиер-лигата, добиваат пари од ТВ-права и од преполни трибини на домашниот натпревар, но став на федерацијата е дека „малите“ полесно можат да дојдат до изненадување и пласман понатаму во пенал-рулет отколку во повторен натпревар.

До промени ќе дојде и во лига-купот, каде поголемиот дел од натпревари се играат во првиот дел од сезоната. Проширувањето на Лигата на Шампионите ќе значи и намалување на бројот на термини за ова натпреварување, па премиерлигашките клубови се подготвени да изгласаат промена – во лига-купот да настапуваат со своите младински екипи.

Се вчитува...