Апелгрен: Вардар е опасен од сите страни, но ние одиме на победа

Предводени од новиот светски шампион Николај Јакобсен, ракометарите на Рајн-Некар Левен максимално подготвени влегуваат во вечерашниот дуел со Вардар (19 часот), прв натпревар од Лигата на шампионите за 2019 година. „Црвено-црните“ го добија првиот овосезонски дуел со „лавовите“ од Манхајм како потврда дека и со изменет состав во однос на ланскиот можат да се носат со најдобрите тимови во Европа.

„Тимот им е променет, но Вардар се уште е опасен од сите страни. Има добри бекови, Дибиров од крилната позиција, опасни играчи од пивот. Знаеме дека нема да ни биде лесно, но ние одиме на победа“ – голманот Микел Апелгрен е полн со респект за македонскиот шампион.

Рајн Некар-Левен со години наназад приоритет ставаше на Бундес-лигата, па така лани беше елиминиран од ЛШ откако по загубената битка за термините со ЕХФ, поради што „лавовите“ решија да настапат со младинци на гостувањето во Кјелце и претрпеа убедлив пораз. Сепак, сезонава приоритетите се поинакви, бидејќи тренерот Апелгрен и ракометарите се надеваат дека конечно ќе се појават на фајналфор турнирот од ЛШ во Келн.

„Секој ракометар сонува еден ден да заигра во Келн и да го крене пехарот од Лигата на шампионите. Ние не сме исклучок, сезонава ќе сториме се за да ни се оствари тој сон, да бидеме дел од фајналфор турнирот. Нема да биде лесно, имаме против себе силни ривали, но ќе сториме се за да дотуркаме најдалеку што можеме“ – оптимист е шведскиот голман на „лавовите“ од Манхајм.

Се вчитува...