Аргентина веќе не е кошаркарска велесила – убедлив пораз и од Шпанија

Кошаркарската репрезентација на Шпанија ја забележа и втората победа во групната фаза од ОИ во Токио, овојпат славејќи во пресметката со Аргентина со 81-71. Овој триумф практично значеше и осигурување на место во четвртфиналето, а Шпанците во третото коло во директна пресметка со Словенија ќе одлучуваат за освојување на првото место во групата. По денешниот дуел веќе станува јасно дека Аргентинците се далеку од кошаркарска велесила за каква што важеа до неодамна, откако претрпеа два убедливи порази од еворпски селекции на ова големо натпреварување.

Аргентинците беа подобар ривал во првата четвртина што ја добија со 25-20, но како пресудна се покажа одличната шпанска одбрана што на „гаучосите“ им дозволи само девет поени во вториот дел, па на одмор се замина со водство на „црвената фурија“ од 40-34. Шпанија ја зголеми предноста во вториот дел од третата четвртина, стигнувајќи и до „плус 14“, па иако Аргентина за момент се спушти на едноцифрена разлика, јужноамериканската селекција немаше сили за камбек. Шпанската одбрана повторно профункционира кога беше најважно, „гаучосите“ имаа проблем со реализацијата и поразот беше неизбежен.

Рики Рубио беше главна фигура во шпанскиот табор и на овој натпревар со 26 постигнати поени, Љуљ постигна 10, а Пау Гасол и Клавер по девет поени за „црвената фурија“. Во таборот на Аргентина прв стрелец беше Лапровитола со 27 поени, пред ветеранот Скола со 13 постигнати поени.

Се вчитува...