Арјен Робен: Сакав во Јунајтед, Мурињо го паметам по добро, Баерн ми бeше одлука на животот

Една од најголемите ѕвезди на холандскиот фудбал, Арјен Робен, објави дека на крајот од оваа сезона си заминува од Баерн Минхен. Нема најави околу неговиот следен клуб, но дел од шпекулациите велат дека би можел во САД.

Пред крајот на десетгодишната одисеја во редовите на германскиот шампион, Робен во интервју раскажува за големите пресврти во неговата кариера. Во 2003 година очекувал да замине во Манчестер Јунајтед.

„Вечерав со Алекс Феругсон, ги разгледав и просториите и се вратив во ПСВ. Но, не се случи ништо, немаше повик. Да ме побараа од Манчестер Јунајтед, ќе отидев. Потоа заминав во Челси. Не знам што точно се случи, можеби од Челси дале повеќе пари, не сум сигурен“ – раскажува Робен.

За периодот во Челси во кој работеше со Жозе Мурињо вели дека му е во добро сеќавање. За Португалецот вели дека е интензивен тренер со големи барања, но оти е добар човек кој има одличен однос со луѓето. Поради промената на формацијата во третата сезона, за Робен немаше веќе место, па отиде во Реал Мадрид.

„Беше тоа чудно време. На подготовките играв добро, но Реал потроши многу пари на Роналдо, Чави Алонсо, Бензема и на Кака. Од клубот ни рекоа дека јас, Снајдер и Хунтелар мора да си заминеме. Флорентино Перез ја донесе конечната одлука. Ми беше многу тешко. Потпишав за Баерн Минхен и излезе дека тоа ми е најдобрата одлука во животот“ – објаснува Робен.

Холанѓанецот е во Баерн Минхен од 2007 година, со клубот има многу успеси, шест титули во домашното првенство, трофеј од Лигата на шампионите од 2013 како и две финалиња во елитното натпреварување во 2010 и во 2012 година.

Се вчитува...