Арсенал испрати и втора понуда – Хаверц е пред портите на „Емирати“

Каи Хаверц е чекор поблиску до мегатрансфер во редовите на Арсенал откако „топчиите“ ги интензивираа преговорите со Челси за да го доведат германскиот репрезентативец во своите редови. Веднаш штом Хаверц стана достапен за трансфер англискиот вицепрвак покажа сериозен интерес да го доведе на „Емирати“, бидејќи Микел Артета во него гледа извонреден универзалец кој може да се снајде на различни позиции во тимот.

Првата понуда од 50 милиони фунти беше експресно одбиена, но англиските медиуми информираат дека Арсенал денеска испратил и втора понуда, во висина од 60 милиони фунти, за да го комплетира што поскоро овој мегатрансфер. Челси бараше 80 милиони фунти, цена со која ги откажа и Реал Мадрид и Баерн Минхен, но „сините“ сигурно ќе мора да ја спуштат сумата што ја бараат бидејќи Арсенал остана единствен заинтересиран купец, а американскиот газда е решен да си врати дел од богатството што го потроши на нови трансфери изминатата година.

Хаверц веќе се има договорено за петгодишна соработка со Арсенал, за плата од огромни 210.000 фунти неделно, а Германецот и самиот почнал да инсистира да добие зелено светло за преселба на „Емирати“.

„Топчиите“ паралелно со овие преговори се обидуваат да го комплетираат и доаѓањето на Деклан Рајс од Вест Хем, за чиј трансфер се подготвени да платат рекордни за клубот 90 милиони фунти.

Се вчитува...