Арсенал избра: Артета за нов менаџер, се чека само уште на Сити

Микел Артета е изборот на раководството на Арсенал за нов стратег на „топчиите“ и перманентен наследник на Унаи Емери, откако Фреди Љунгберг воопшто не се снајде како привремен предводник на лондонската екипа. „Топчиите“ во изминатите десетина дена преговараа со неколку стратези, но изборот падна врз Артета, кој е поранешен фудбалер на Арсенал, а во последните години му беше десна рака на Пеп Гвардиола во стручниот штаб на Манчестер Сити.

Артета вечерва за последен пат ќе биде дел од стручниот штаб на „граѓаните“, а потоа до крајот на оваа седмица и официјално ќе потпише договор со Арсенал. Тој ја прифатил понудата за договор на три и пол сезони, за годишна плата од шест милиони фунти, многу повисока сума од она што моментно го заработува во Манчестер.

За комплетирање на трансферот сепак ќе мора да се добие и зелено светло од „граѓаните“, кои се бесни што Арсенал преговарал со член на стручниот штаб без нивно знаење. Актуелниот англиски првак инсистира на отштета од еден милион фунти за шпанскиот стратег, сума од која „граѓаните“ нема да отстапат, а Арсенал ќе мора да ја плати доколку сака да го доведе Артета на своето кормило.

Се вчитува...