Арсенал не е сериозен клуб – пола екипа сака да си замине

Микел Артета утре и официјално ќе биде промовиран во нов менаџер на Арсенал, а младиот шпански стручњак ќе се соочи со огромен проблем – да ги смири тензиите меѓу незадоволните „ѕвезди“ на лондонскиот тим. Очајните игри и резултати во изминатите години придонесоа незадоволството се повеќе и повеќе да се зголемува, па по заминувањето на Емери и привремениот ангажман на Љунгберг, сега голем дел од првотимците сакаат да си заминат од клубот.

Пјер Емерик Обамејанг очекуваше трансферот од Борусија Дортмунд во Арсенал да биде чекор напред во неговата кариера, но голгетерот од Габон сега е свесен дека направил грешка. Тој воопшто не размислува за нов договор, туку ќе инсистира на заминување на крајот од сезонава, а „топчиите“ ќе бидат принудени да дадат зелено светло за да не ризикуваат тој наредното лето да си замине без никаква отштета. Иста е ситуацијата и со Лаказет, уште еден играч кој претходно настапуваше во ЛШ во дресот на Лион, но сега кариерата му се движи во надолна линија во Арсенал.

Месут Озил исто така е подготвен да си замине, но проблем е што ниту еден клуб не сака да му ја израмни платата од 300.000 фунти неделно што му ја даде Арсен Венгер пред да си замине. На излезна врата е и Гранит Џака, кој влезе во конфликт со навивачите, но и Давид Луиз, кој исто така е критикуван за слабите игри.

Факт е дека Арсенал е само бледа сенка од клубот што некогаш доминираше на англиската фудбалска сцена, а ако Артета не успее чудесно да ги смени работите во наредните месеци, „топчиите“ ги очекува целосен ремонт во текот на летниот преоден рок.

Се вчитува...