Микел Артета побара Премиер лигата да ги промени правилата во врска со бројот на фудбалери кои можат да бидат во записникот за натпреварите.
Менаџерот на Арсенал беше разочаран што мораше да остави неколку играчи надвор од составот за дуелот против Манчестер Сити во „Камјунити Шилд“, поради ограничувањето на бројот на резервни фудбалери.
Во моментов, тимовите во Премиер лигата можат да имаат 20 играчи во записникот – 11 стартери и девет резерви. Поради тоа, Артета не ги вклучи Габриел Мартинели, Габриел Жезус и Итан Нуанери во составот за натпреварот со Манчестер Сити.
„Навистина е жално. Тие заслужуваат да бидат во составот“, изјави Артета, кој откри дека се залага правилото да биде променето.
Шпанскиот стратег смета дека бројот на играчи во записникот треба да биде зголемен, со што правилата во англиската елита би се приближиле до оние во Лигата на шампионите, каде што тренерите имаат можност да изберат поголем број резерви.
Артета притоа отфрли дека изоставувањето на Мартинели, Жезус и Нуанери автоматски значи дека тројцата се пред заминување од Арсенал, иако нивните имиња во последниот период се поврзуваат со трансфери.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
