Артета го задржува Љунгберг во Арсенал

Новиот менаџер на Арсенал, Микел Артета потврди дека ќе го задржи Фреди Љунгберг во стручниот тим. Швеѓанецот го презеде кормилото по отказот на Унаи Емери кому од почетокот на оваа сезона му беше помошник. Претходно Љунгберг работеше како тренер на младинскиот тим. По именувањето на Артета се појавија информации дека Љунгберг ќе го напушти лондонскиот клуб.

„Разговарав со Фреди и му ги објаснив моите идеи околу стручниот штаб. Се согласивме дека е најдобро тој да остане во тимот. Сметам дека ќе биде од голема важност, ги познава играчите, ситуацијата, ја знае историјата  и тоа од каде тргнуваме. Ќе ни помогне да бидеме подобри“ – изјави Артета.

Микел Артета кариерата ја заврши во Арсенал каде што беше од 2011 до 2016 година. До преземањето на клубот му беше помошник на Пеп Гвардиола во Манчестер Сити. Ќе дебитира в четврток.

Се вчитува...