Артета: Разочаран сум, со ваква игра нема што да бараме во ЛШ

Арсенал синоќа направи кикс во Премиер лигата откако загуби од Њукасл со 2-0, па сега „топџиите“ имаат два бода помалку од Тотенхем кој е на четвртото место. Менаџерот на Арсенал, Микел Артета изјави дека е разочаран по поразот од Њукасл во Премиер-лигата и оцени дека неговиот тим не бил ни блиску до нивото од Лигата на шампионите.

Тимот на Артета пред крајот на сезоната се наоѓа на петтата позиција со 66 бодови и заостанува два бода зад четвртопласираниот Тотенхем кој е на последното место кое води во Лигата на шампионите.

„Исклучително сум разочаран. Њукасл беше 10 пати подобар од нас и целосно ја заслужи победата. Нашиот настап не беше ни блиску до нивото од Лигата на шампионите“, рече Артета за ‘Скај’.

Екипата на Арсенал последен пат играше во Лигата на шампионите во сезоната 2016/17.

„Њукасл заслужи да го добие натпреварот, тие беа многу подобри од нас од почетокот до последната минута. Беа многу подобри во секој сегмент. Бевме лоши со топката. Многу работи се случија во текот на ноќта, како замените што моравме да ги направиме поради повреда, но тоа не е оправдување“, рече шпанскиот менаџер.

Арсенал на 22 мај ќе го пречека Евертон во последното коло од Премиер-лигата, а ривалот за пласман во Лигата на шампионите, Тотенхем, гостува кај Норич.

Се вчитува...