Аврамовски стави крај на непобедливоста на Борец во Велес

Вардар го освои Велес, славеше со 0-1 против Борец, кој за првпат загуби на домашен терен по една и пол година. Најголем „виновник“ за тоа е репрезентативецот Даниел Аврамовски кој стрелаше во 33.минута и продолжува и оваа пролет во силен голгетерски ритам, како што впрочем ја заокружи и есента. Тоа е 11. погодок за Аврамовски во Првата лига оваа сезона, а Вардар повторно има двоцифрена предност (11 бода) во однос на Шкендија, која утре му гостува на Силекс во Кратово.

Клучниот момент на мечот се случи во 33.минута. Али Адем убаво го проигра Цветановски, тој го измами противничкиот голман и шутираше кон голот, но во последен момент со лизгачки старт беше спречен погодок. Сепак, на одбиената топка натрча Даниел Аврамовски и успеа да ја затресе мрежата на велешкиот состав.

Борец се обиде да возврати преку Прелчец, но без ефект, а во финишот Аврамовски имаше уште една одлична можност за втор погодок, но беше за малку непрецизен.

Вардар ја забележа и втората победа во пролетниот дел од сезоната и го чува врвот со 42 бода.

 

Се вчитува...