„Австралиската“ двојка, Чолаковски и Божиновски, не крие: Огромна е желбата да дојдеме до првите успеси со Македонија

„Австралиската“ двојка во редовите на младата репрезентација Стефан Чолаковски од Мелбурн сити и Метју Божиновски од Мелбурн виктори не кријат дека со максимална возбудва го очекуваат првиот свој официјален настап во дресот на младата репрезентација на Македонија.

Чолаковски, кој игра во офанзивната линија, и централниот дефанзивец Божиновски се очекува да бидат во првиот тим на новиот селектор Драган Канатларовски за престојните два почетните натпревари, против Франција односно Србија, во квалификациите за ЕП 2023.

„Јасно е дека возбудата што ќе бидеме дел од македонската репрезентација е голема. Огромна е желбата и кај двајцата за успешни настапи со Македонија. Знаеме дека не чекаат два тешки натпревари против големи селекции како Франција и Србија, но подготвени сме сите во националниот тим да го дадеме максимумот. Немаме апсолутно никаков проблем со адаптацијата во репрезентативните редови“ – порачаа пред денешниот тренинг Чолаковски и Божиновски.

Репрезентацијата до 21 година на 3. септември гостува во Ле Ман против Франција, а на 7. септември во Охрид ја пречекува селекцијата на Србија.

Се вчитува...